По револтот на сливарите од Радовиш и Струмица кои три дена го блокираа регионалниот пат Радовиш-Струмица и по најавениот протест на производителите од Пијанец, Министерството за земјоделство воведува нова субвенција за откупот на сливи. Откупувачите кои се регистрирани за преработка на земјоделски производи и правните лица реистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 од домашно производство ќе добијат субвенција од два денари по килограм.
Оваа нова мерка се воведува со цел да се реши проблемот со откупот на сливи и треба да биде разгледана на денешната седница при што се очекува истата и да биде усвоена.
Од министерството информираа дека земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 за површини од еден до пет хектари, субвенција од три денари за предадени сливи во преработувачки капацитети – според Програмата за директни плаќања за 2018-та.
Тие велат дека оваа нова мерка е произлезена од работните состаноци со производителите и откупувачите на сливи кои се одржаа изминатите денови.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.