Струмица 4°
Редакција: Струмица.мкИспрати тема

Мени на Струмица.мк

Редакција:Струмица.мкЛокални вести и информации
Испрати тема

Ќе се подобрува патната инфраструктура во општина Василево

  • Вредноста на овој проект изнесува 15 милиони и 600.000 денари.
  • Мерката 322 се однесува на инвестиции за изградба или реконструкции на улици во населените места.
  • Вредноста на овој проект изнесува 10 милиони денари.

На 12-тата седница на Советот на општина Василево, советниците едногласно ги поддржаа приоритетните проекти со кои општината ќе аплицира за средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018-та година.

Општина Василево ќе аплицира за три проекти со кои ќе се подобрува патната инфраструктура во општината и тоа: Реконструкција и ревитализација на локален пат Ново Владевци-Сушево, изградба на дел од локален пат Чанаклија – Нова Маала и реконструкција и ревитализација на улица во Василево од поштата до црквата.

Овие предлог-проекти, општина Василево има можност да ги аплицира во мерките 321, 322 и 323 на Јавниот повик, објавен од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој за 2018-та. При што, мерката 321 се однесува на инвестирање во локална патна инфраструктура, за поврзување на две или повеќе населени места, во должина од 5 километри. Односно, општината ќе аплицира со проектот за реконструкција и ревитализација на локален пат Ново Владевци – Сушево, во должина од 1880 метри и ширина 4 метри, со банкини од двете страни на улицата. Вредноста на овој проект изнесува 15 милиони и 600.000 денари.

Мерката 322 се однесува на инвестиции за изградба или реконструкции на улици во населените места. Општината ќе аплицира со проектот за реконструкција и ревитализација на улица во Василево, од поштата до црквата. Улица долга 216 метри, со атмосферска канализациона мрежа, пешачки патеки од двете страни на улицата и ново улично осветлување со канделабри. Вредноста на овој проект е 5 милиони денари.

Мерката 323 се однесува на инвестиции во локална патна инфраструктура за поврзување на населени места, на која, општината ќе аплицира со проект за изградба на патот Чанаклија – Нова Маала, во должина од 1100 метри. Вредноста на овој проект изнесува 10 милиони денари.

Исто така, општина Василево ќе аплицира за уште еден проект во АФПЗРР, преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и тоа за изградба на дел од локален пат Добрашинци – Брана Турија, во должина од 1000 метри, во вредност од 12 милиони денари.

На седницата, првиот човек на општина Василево – Марјан Јанев истакна дека се надева на согласност од Агенцијата за сите проекти со чија реализација ќе се олесни пристапот на граѓаните до населените места и нивните домови, при што ќе се подобрат и условите за живот во општината.

Имате дополнителна информација или забелешка за текстот? Контактирајте ја редакцијата.

Коментари (0)

Коментарите за оваа објава се затворени.