Веќе неколку дена активистите против рудници не дозволуваат археолозите од Завод и музеј Струмица да го истражуваат просторот каде што е во план да се гради рудникот Иловица-Штука, стравувајќи дека истражувањата ќе доведат до негова изградба.
Вчера ситуацијата беше тензична и напната на подножјето на Огражден, откако едните не дозволуваа да се вршат археолошки истражувања, а другите пак, сакаа да заминат на ископувањата бидејќи биле ангажирани под договор на дело.
Поради тоа што рудникот Иловица-Штука треба да биде на територија на општините Босилово и Ново Село, градоначалниците на овие две општини – Зоран Зимбаков и Никола Андонов, дојдоа на местото и разговараа со активистите, ги сослушаа барањата и на двете групи и се заложија нивните ставови да ги пренесат на соодветните ресорни министерства.
„Граѓаните ми ја дадоа својата доверба за да ја водам општина Босилово, затоа не можам да застанам на страна, секогаш ќе го почитувам нивниот став, ако тие не сакаат рудник кој ќе ја загадува и уништува животната средина во нашата општина, тогаш ја имаат целата моја поддршка, како татко на општина Босилово и заедно ќе се бориме против тоа“ – изјави Зимбаков пред насобраните активисти.
Полицијата не дозволи судир на граѓаните за и против рудникот.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.