Во тек се повеќе градежни активности на неколку локации во општина Струмица, со цел подобрување на условите за живот на населението и дел од нив се веќе во завршна фаза.
Во населените места Просениково и Дабиле се изведуваат примарни канализациони системи во вкупна должина од 16.181 метар, a се подготвуваат проекти и за дополнителни краци за да може секој жител на ова место да се приклучи на мрежата. Вкупно проектите чинат околу 40 милиони денари – обезбедени преку комбинирани средства.
Во населените места Куклиш и Муртино во завршна фаза е преадаптацијата на објекти во клонови на градинката „Детска радост“ со капацитет за 86 деца на возраст од 2 до 6 години. Поставени се инсталации за загревање, цистерни за користење на гас, се обезбедува мебел и опрема со што со почетокот на новата учебна година овие градинки ќе бидат целосно комплетирани.
Завршен е и мостот на каналот кој што поминува низ населеното место Сачево. Станува збор за современ мост со армирана бетонска конструкција со ограда, а планирани се уште два други моста и одредена делница од асфалтниот пат за кои се изготвува проект.
И стационарот за бездомни животни е во завршна фаза, а во процедура е набавката на специјално возило со кое што ќе се транспортираат животните. Се гради по најсовремени стандарди и согласно законските прописи за заштита и благосостојба на животните, а се почитуваат и сугестиите на граѓанските здруженија кои што се занимаваат со оваа проблематика. Овој проект треба да биде реализиран до крајот на мај.
На улицата „Младинска“ е во тек изведбата на ново улично осветлување.
Се заменуваат старите дотраени канделабри и поставуваат нови. Ќе се постават 47 канделабри со современо ЛЕД осветлување со јачина од 80 вати кое што генерира и одредени заштеди.









Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.