На 3-ти и 4-ти септември 2019-та година (вторник и среда) премиерно ќе биде прикажана пиесата „Пурпурен остров“ на Михаил Булгаков, во Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица, со почеток од 20 часот.
„Пурпурен остров“ е пиеса која преку сатира, која понекогаш преминува во лакрдија, го разглобува системот на цензура, ја воведува на сцена „злокобната сенка на Големиот Инквизитор, кој го гуши уметничкото творештво и им дава предност на ропските, додворувачки, невешти драматуршки шаблони, ги ништи личностите на писателот и актерот“.
Сценската постановка на комедијата на Булгаков е тематизирање на неукоста, волунтаризмот и партиската правоверност, толку присутни и денес, одново осветлување на грчот на уметноста кога таа ќе се најде соочена со „повисоки цели“. Истовремено оваа постановка е и навраќање на прашањата: Што е тоа театар? Каков е односот меѓу театарот и човекот-актер? Како се прави театар? Режисерското читање на пиесата го потенцира токму тој пиранделовски момент на правење театар, истовремено нагласувајќи ја играта преку кореографско-музичките точки, како и преку триковите и акробатската умешност, својствени за буфонадата.
Влезницата чини 150 денари.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.