Во Струмица беше одбележан денот на космомонаутиката. За таа цел, во посета на општината беше амбасадорот на Руската федерација – Сергеј Баздникин, кој заедно со градоначалникот Коста Јаневски, положија цвеќе пред спомен бистата на Јуриј Гагарин во Струмица, по повод 58 години од лансирањето на првиот вселенски брод „Восток-1“ на Советскиот Сојуз, со што советскиот космонаут Јуриј Александрович Гагарин стана првиот човек во вселената.
Според градоначалникот Јаневски, бистата на Гагарин е само еден доказ за доброто пријателство меѓу Руската Федерација и Општина Струмица и дека споменот за овој голем човек го чува и Струмица, преку оваа биста, која е инаку дело на познатиот руски скулптор, академикот Григориј Потоцки, кој е автор и на споменикот посветен на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, како и на спомен обележјето на жртвите во пожарот на струмичкиот рид.
Бистата на Гагарин веќе 7 години го краси овој дел од Струмица и е само еден од многуте докази за доброто пријателство и соработка помеѓу Амбасадата на Руската Федерација и Општина Струмица – додаде Јаневски.
Амбасадорот Баздникин рече дека подвигот на Јуриј Гагарин не бил само моќен продор во истражувањето на вселената, туку и олицетворение на херојството и самопрегорот на рускиот народ, а летот на „Восток“ означил нова ера во историјата на цивилизацијата.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.