Општина Струмица вчера ја одбележа 147-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. На пригодната свеченост која што се одржа пред неговиот споменик на градскиот плоштад, за животот и делото на Делчев зборуваше градоначалникот – Коста Јаневски.
Тој истакна дека иако биографијата на Делчев опфаќа временски период од само 31 година колку што трае неговиот кус животен век, за него слободно можеме да кажеме, дека беше најголем меѓу големите. Неговата маркантна фигура како деец, визионер, револуционер и херој, за вечни времиња ќе биде позиционирана на самиот врв од македонската историја, во делот во кој се спастрени личностите и настаните од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.
Да не беше тој 4. Февруари 1872 година, не ќе беа можни идните значајни настани и датуми од таа наша историја, во кои главен протагонист беше токму тој, Ѓорги Никола Делчев. Затоа е исклучително значаен денот на неговото раѓање, во кој повторно го чествуваме ликот и делото на Делчев, човекот кој остави неизбришливи траги во македонската биднина и во македонскиот непокор – рече градоначалникот Јаневски.
Пред споменикот на Гоце Делчев беше положено свежо цвеќе, а членовите на рецитаторската секција при ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса изведоа пригоден рецитал.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.