Вчера со претставата на театарот Барца од Бугарија бепе отворено 27. издание на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“.
Денешнава, втора вечер од фестивалот, со почеток од 19.30 ч. ни ја носи претставата „Аудиенција“ на Театарот од Вировитица, Хрватска. Претставата е во режија на Драган Ференчина, со музика на Марио Наџ, а ја играат Драшко Зидар и Горан Коши.
Покрај претставата на театарот од Вировитица, во вториот ноќен термин од 22 часот ќе се одигра „Шепоти од вода“ на домаќините од НУЦК „Антон Панов“ од Струмица.
Режисер на претставата „Шепоти од вода“ е Срѓан Јанаќијевиќ а ја играат актерите Јулија Милкова, Јасмина Вучкова, Анкица Бенинова, Коста Ангов, Игор Тодоров, Стојан Велков и Бранко Бенинов.
ФКТ „Ристо Шишков“ завршува на 12-ти септември. На овогодинешната програма се театри од Хрватска, Бугарија и Македонија. За наградата за високо актерско остварување која што се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот, актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе се натпреваруваат педесетина актери.
За наградата ќе одлучува жири комисија предводена од минатогодишниот добитник на наградата, актерот Благоја Чоревски, а членови се професорот Коло Вандов од Бугарија и режисерот Драган Јаковлевиќ од Србија.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.