Струмица 4°
Редакција: Струмица.мкИспрати тема

Мени на Струмица.мк

Редакција:Струмица.мкЛокални вести и информации
Испрати тема

Уметничко дело на Никола Пијанманов ја краси фасадата на Домот на АРМ во Струмица

Фасадата од предната страна на Домот на АРМ во Струмица  ја краси уметничкото дело високо 8,5 и широко 5 метри, насловено „Лузна“ на познатиот уметник – Никола Пијанманов. Според авторот, ова дело претставува монументален ликовен обид за редефинирање на рацете од пештерите во кои пред 30.000 години едни прасликари насликале ѕид со дланки оптегнати во грч и страв, раце во агонија и паника од природните феномени, неизвесност од големата природа.

„Во едната дланка крвотокот се отсликува во форма на крошна од дрво. Таа го носи во себе печатот на прадрвото, сеќавањето на Еденската градина, но и стигмата на страдањето – жртвите и маченици на модерните болести. Во другата дланка која станува суво дрво се згрчени гранки-прсти е втиснат печатот на сушата. Разделбата со дрвото е распетието на современиот човек. Денеска нашите дланки се виткаат во грч од изчезнувањето на таа природа. Дланката на современиот човек е сува од стихијата на апокалиптичните загадувања, пластики, пустошењето на дрвјата, небото и водите“ – вели Пијанманов.

Сликата е дел од кампањата „Еко фронт” на општина Струмица за подигање на еколошката свест и соочување со предизвиците од загадувањето и уништувањето на животната средина. Изработката на ова уметничко дело, покрај општината, финансиски ја поддржа и компанијата „Изолмак – Фибран“ од Струмица.

Имате дополнителна информација или забелешка за текстот? Контактирајте ја редакцијата.

Коментари (0)

Коментарите за оваа објава се затворени.