Во рамките на проектот „Jакнење на мултиетничка соработка во општините“ учениците од ООУ „Никола Вапцаров“ од Струмица, заедно со наставниците Милена Ристовска, Зоја Муканова и Лидија Настева, кои се дел од тимот за реализација на проектот, ја посетија националната установа „Танец” и КУД „Јени Јол“ од Скопје.
При посетата на НУ„Танец“ учениците се запознаа со формирањето, активностите и историјатот на овој реномиран македонски ансамбл, а ги посетија и просториите со народни носии кои ги користат за своите настапи и со народни и музички инструменти кои ги користи оркестарот. Тие имаа можност и лично да се запознаат со дел од познатите музичари и да присуствуваат на редовна проба на играорците во придружба на оркестарот.
Учениците се дружеа, поставуваа прашања и фотографираа.
При посетата на КУД „Јени Јол“ – Скопје, учениците ги разгледаа просториите во кои играорците ги реализираат своите проби, просторијата со турски народни инструменти и сите награди и признанија кои ова друштво ги има освоено во текот на своето постоење.
Тие го посетија и државното основно училиште „Тефејуз“ кое изведува настава на турски јазик. Средбата заврши со договор за идна соработка помеѓу двете училишта. Како продукт од посетите беше албумот со фотографии што го креираа учениците.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.