Завршија археолошките истражувања кои открија неолитска населба стара над 7.500 години на локалитетот Орниче во близина на село Костурино. Според археологот м-р Зоран Рујак од НУ „Завод и Музеј Струмица“ објектот е од средниот неолит со сите постројки внатре, со печки, со огништа, со места каде се мелело житото, места каде практично живееле луѓето од времето на неолитот и засега е најстар објект во југоисточниот дел на Република Македонија.
На презентацијата на истражувањата на овој археолошки локалитет присуствуваше и членот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов кој истакна дека убаво е чувството да си го потврдуваме сознанието дека потекнуваме од регион кој имал богато и бурно минато, регион во кој уште во дамнешни времиња се градела и надградувала цивилизацијата во која живееме и чии вредности се универзални и подеднакво им припаѓаат на сите и на целиот свет.
Христов истакна дека општина Струмица ги поддржува проектите за истражување и афирмација на локалната традиција и историја, како и културните и цивилизациските вредности од овие простори.
Во оваа пригода тој го најави и проектот за комплетна конзервација, реконструкција и реставрација на локалитетот „Цареви кули“ во наредната година. За овој проект Општината обезбеди донација од околу 1 милион евра, со што се очекува комплетно завршување на бедемите на локалитетот и подобрувањето на пристапноста до него, додаде Христов.








Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.