Општина Василево е најтранспарентна во нејзиното работење во рамки на Југоисточниот плански регион и општина која освен што ги исполнува законските обврски за транспарентност, користи и свои методи за да биде поблиску до граѓаните – покажаа резултатите од анализата за транспарентност при вработување на општините од Југоисточниот регион, направени од страна на Здружението на граѓани ПРОФИЦИО.
На презентацијата на резултатите од анализата со која се опфатени сите 10 општини од Југоисточниот плански регион, претставникот од општина Василево – Верче Миткова пред присутните ги образложи начините, практиките, каналите и методите кои се практикуваат во општина Василево, а чија крајна цел е транспарентност во работењето. Oпштина Вaсилево континуирано подготвува и пласира информации кои се однесуваат на работењето на органите на општината.
Како резултат на анализата од ПРОФИЦИО општините добија и соодветни препораки за зголемување на транспарентноста: преземање иницијатива јавно да ги објават актите за систематизација и нивните измени, да се подобрат јавно достапните информации и отчетноста на општините при спроведување на постапките за вработување, да воспостават систем на континуирана обука и професионален развој со цел зголемување на квалитетот на јавните услуги.
Оваа анализа ПРОФИЦИО ја има спроведено во рамки на проектот „Транспарентна и ефикасна локална власт – услов за развој“, имплементиран од „Фондација Отворено општество“ и „Евротинк – Центар за европски стратегии“, а финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.