На денешната редовна 23-та седница, Советот на општина Василево донесе одлука за кредитно задолжување на општината заради набавка на специјално возило за собирање и транспорт на смет. Целта на набавката на новото возило е да се создадат услови за организирано собирање на сметот од домаќинствата во уште неколку населени места.
Долгорочното домашно задолжување ќе се оствари преку потпишување на Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Износот на заемот изнесува 4.370.000 денари, а возилото е со капацитетот од 5,5 м3. Рокот на отплата на кредитот ќе биде 2 години со грејс период од 6 месеци.
На седницата донесени се и измени на Статутот на општина Василево и истите се однесуваат на името на државата, имено секаде каде што во досегашнит текст стои Република Македонија се заменува со Република Северна Македонија.
Советниците позитивно одговорија и на барањето за финансиски средства, кое беше доставено до советот од ЖФК „Тиверија“ од Струмица.
Надвор од дневниот ред, секретарот на „Црвен крст“ – Струмица, Марјана Тошева, имаше кратка презентација на целите и планираните активности на „Црвениот крст“ во наредниот период, при што, побара поддршка од општината за нивно имплементирање.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.