На два дена пред истекот на календарската 2018-та година, Советот на општина Василево го донесе Буџетот за наредната 2019-та година кој изнесува 93.566.350 денари. Консолидираниот, односно Буџетите на единките корисници, ООУ „Гоце Делчев“ – Василево, ООУ „Атанас Нивичански“ – Нова Маала и ЈОУДГ „Прва радост“, заедно изнесува 172.300.150 денари.
Во своето обраќање, градоначалникот Марјан Јанев истакна дека, Буџетот за 2019-та година е направен според новите правила на Министерството за финансии согласно кои висината на Буџетот е лимитирана на просечната реализација на Буџетот во изминатите три години, со можност од проширување во висина од 10%. Целта на Владата е општините да бидат ограничени во делот на задолжувањата и да се работи домаќински, односно онолку колку што општината ќе има приходи.
Од друга страна, тие нема да бидат ограничени во делот на реализација на предвидените проекти бидејќи врз основа на склучен договор за реализација на одреден проект и обезбедени средства, ќе имаат можност со ребаланс на Буџетот истиот да го прошират и да ги реализираат проектите.
На седницата согласност добија и останатите предлози од дневниот ред односно Програмата за работа на ЈПКД „Турија“, п.о Василево за 2019-та год. Одлуката на УО на „Турија“ – Василево за утврдување на цената за водата за пиење или водоснабдување и за утврдување на цената за собирање и одведување на урбани води.
Донесени беа и Одлуката за извршување на Буџетот на општина Василево и Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници за 2019-та година. Ова воедно беше и последната Седница на Советот на општина Василево за 2018-та година.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.