Општото Јавно Обвинителство од Струмица бара градоначалникот на општина Ново Село – Боро Стојчев да ја одлежи затворската казна од две години, за кривично дело кое тој го сторил во 2010-та година. Барањето е доставено до Основниот суд во Струмица а оттаму информираат дека по него ќе одлучува кривичен совет.
Во 2015-та година Стојчев бил осуден на условна затворска казна од две години, доколку не го повтори делото во наредните четири години, бидејќи во 2010-тата година тој сторил кривично дело „проневера во службата“. Условната казна за ова кривично дело му истекува на 30-ти април годинава.
Тој ова лето беше уапсен и во обид да шверцува цигари преку македонско-бугарската граница, заедно со сопругата, синот и внукот. За ова кривично дело нему му беше пресудена затворска казна од 18 месеци од страна на Основниот суд во Струмица. По жалбата на одбраната, Апелациониот суд во Штип му ја намали казната на шест месеци затвор. Доколку кривичниот совет одлучи да му се активира условната казна, во општина Ново Село ќе треба да се одржат нови локални избори, во спротивно Стојчев се враќа на функцијата во првите денови од 2019-та.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.