Денес во Струмица беа одбележани 7 години од трагичниот настан кој се случи на денешен ден на месноста „двата пата“ над Струмица.
На 23-ти јули 2012-та година, избувна голем пожар на ридот над Струмица, кој потпомогнат од силен ветар стана голем оган кој „голташе“ се пред себе, заканувајќи се да ја зафати и периферијата од градот.
Во обид да помогнат и да го локализираат и изгаснат пожарот, се вклучија надлежните служби, но и граѓани загрижени за безбедноста на градот. Храброста и беспоштедната борба со пламените јазици за жал, беше платена со 4 жртви и 10-тина повредени.
Во трагедијата каква што Струмица не памети, имињата на браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од Рич, Војо Гркљанов од Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица, ќе останат засекогаш врежани во тажните сеќавања на струмичани, како симбол на човековата храброст. Тие и покрај прераното заминување од овој свет, остануваат бесмртни во струмичкиот споменар.
Во нивна чест, општина Струмица подигна споменик – дело на рускиот скулптор Григориј Потоцки, како спомен, незаборав и предупредување, но и место пред кое струмичани ќе го кажуваат нивното големо „БЛАГОДАРАМ“ за положената херојска жртва.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.