Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави нов оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, до 3 хектари. Преку овој оглас се нудат 834 хектари земјиште за општините: Струмица, Битола, Гевгелија, Велес, Македонски Брод, Демир Хисар, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Тетово.
Почетната цена по хектар за површини до 3 хектари изнесува 25 евра во денарска противвредност, за земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа и 15 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа, по среден курс на Народната Банка на Република Македонија на денот на уплатата.
Доколку земјоделското земјиште се наоѓа во планински подрачја, почетната цена за земјиштето од I до IV катастарска класа изнесува 15, а за земјиште од V до VIII класа – 5 евра во денарска противвредност.
Земјоделското земјиште кое се дава под закуп се однесува на: подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за период до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години.
Право на учество на јавниот оглас имаат сите физички и правни лица, домашни и странски, кои немаат склучено важечки договор за закуп на државно земјиште со МЗШВ.
Понудите и документацијата треба да се достават до 04.10.2018-та година а јавното отворање ќе се одржи на 09.10.2018-та година во големата сала за состаноци во МЗШВ со почеток од 10 часот.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.