Почнувајќи од 6-ти февруари до 6-ти март, граѓаните од најранливите категории од општина Струмица, можат да аплицираат на Јавниот оглас за распределување на 37 социјални станови, кој го објави Владата на Р.Македонија.
Вкупно 7 категории на граѓани имаат право да аплицираат и тоа: деца без родители и родителска грижа, кои до 18 години биле згрижени во институција; корисници на социјална или постојана парична помош; лица погодени од елементарни – природни непогоди, без разлика на правниот статус на претходните живеалишта; инвалидни и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со ивалидизирани лица; лица припадници на ромската заедница социјално загрозени; самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
На огласот можат да се пријават само лицата кои спаѓаат во една од седумте категории. Подносителот на барањето за социјален стан, може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории. Доколку лицето или некој од членовите на неговото заедничко домаќинство аплицира во повеќе од една од категориите, апликациите ќе бидат одбиени.
Документацијата треба да се поднесе во Центарот за социјална работа – Струмица, каде на оние лица кои не се во можност сами да ги комплетираат документите, ќе им биде обезбедена помош.
Апликантите треба да се државјани на Македонија, со постојано место на живеење во Струмица. Да не поседуваат стан во лична сопственост, во сопственост на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство, на територија на државата.
Инаку, социјалната зграда се наоѓа на ул.„Ѓорѓи Василев“ во Струмица и во неа има 41 стан. Од нив 4 ќе бидат доделени на Министерството за труд и социјална политика, кои пак, ќе ги доделат на граѓани од најранливите категории.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.