Градскиот парк во Струмица доби ново, модерно осветлување, проект за кој општината издвои средства во висина од 4.742.600 денари. Како што истакна градоначалникот – Коста Јаневски, со овој проект почнува концептот на „паметен град“ чија суштина е ефикасно извршување на обврските на општината преку новите технологии.
Вкупно 96 канделабри беа обновени со нови модерни ЛЕД осветлувачки тела кои што овозможуваат поубаво и поинтензивно осветлување. Истовремено се заштедува во трошењето на електричната енергија, а тоа е една од заложбите на општината во наредниот период – додаде Јаневски и истакна дека и во други делови од градот на овој начин ќе се решава осветлувањето, почнувајќи од ул. „Младинска“.
Овој проект има 24 светлечки тела со 80 ватни светилки, 64 се со 38 вати и 9 со 80 вати. Интензитетот на нивната светлина се менува во неколку нивоа, во зависност од периодот, со тоа што тие 9 кои што се поставени на потегот од споменикот на претседателот Борис Трајковски до амфитеатарот, имаат можност за сензорско лоцирање на движење на граѓаните на овој потег и во тој случај интензитетот се зголемува на сто посто. Односно, во оние периоди кога нема движење низ паркот се штеди енергија, меѓутоа кога има движење во вечерните часови интензитетот на светлината се зголемува и на тој начин и безбедноста и изгледот на овој парк се подобруваат.









Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.