Веќе четири дена како гори депонијата кај Добрашинци – општина Василево, откако во неделата попладне избувнал пожар. Пожарот во инспекциските служби го пријавиле жителите на ова населено место, а вработени од комуналното претпријатие од Струмица се веќе на терен и работат на негово санирање.
Според информациите од ЈПКД „Комуналец“ од Струмица, депонијата била запалена од страна на несовесни и неодговорни граѓани а пожарот избувнал во изолираниот дел за тврд отпад. Од вчера на депонијата е голем, дваесеттонски багер кој работи на санирање на запалениот отпад и смет.
Екипи на Противпожарната единица од Струмица се исто така на терен, кои заедно со вработените од „Комуналец“ не дозволиле пожарот да се прошири и од вчера е ставен под контрола. Инаку, на оваа депонија се одлага смет и отпад не само од општина Василево, туку и од општина Струмица .







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.