На вчерашната 16-та седница на Советот на општина Струмица беше усвоена предлог – одлуката за измена и дополнување на буџетот на општина Струмица за 2018-та година со која истиот е намален за над 141 милион денари или од 1.212.353.375 денари се намалува на 1.071.053.401 денар. Во своето образложение градоначалникот Коста Јаневски рече дека намалувањето се должи на прераспределување на средства од една во друга ставка, како и поради тоа што одредени проекти за кои се планирани средства нема да почнат да се реализираат во тековната година.
-Намалувањето на одредени позиции не значи откажување од нивната реализација, туку ќе се продолжи идната година или кога ќе се создадат услови за тоа а до крајот на тековната година е невозможно да се остварат од објективни причини, како што се нерасчистени имотно-правни односи и немање детални урбанистички планови, рече градоначалникот Јаневски.
Советниците ги усвоија и предлог – програмите за измена и дополнување на Програмите за уредување на градежното земјишта, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици, за изградба и одржување на јавното осветлување, за активностите од областа на културата и на Програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2018-та година.
На седницата беше усвоен и кварталниот извештај за извршување на буџетот за третиот квартал на 2018-та година според кој буџетот за овој период е извршен со 55 проценти. Членовите на Советот одобрија Акциски план за стратегија за социјална заштита на граѓаните на општина Струмица за периодот 2019 – 2020 година, за извештајот за работата на ЈП „Паркиралишта – Струмица“ и за работењето на ЈПЕД „Струмица-гас“ за периодот од јануари до септември оваа година, како и за Програмата за работа на општинската јавна установа – Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ за 2019-та година. Беа донесени и повеќе одлуки за формирање на паралеки со помал број на ученици во трите средни училишта и во пет основни училишта, а беше донесена и одлука за изработка на основен проект за замена на старите водомери со нови и современи.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.