Во рамките на активностите на Црвениот крст по програмата за подготвеност при елементарни непогоди и катастрофи, Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Струмица во соработка со РЦУК, ДЗС, ТППЕ Струмица организира симулациони вежби за евакуација, спасување и давање прва помош при евентуални катастрофи, поточно земјотрес, пожар и поплави.
На ден 24.10.2019 година во СОУУД „Димитар Влахов“ Струмица се одржа симулациона вежба при земјотрес и пожар, каде се изврши евакуација на учениците, наставничкиот кадар и другиот персонал, извлекување и давање на прва помош на повредени од објектот и спасување на заробени лица на повисокоте спратови со скокање на душек. Млади волонтери на Црвен крст од училиштето, обучени по прва помош го вршеа извлекувањето и давањето на прва помош на повредените.
Во вежбата учество имаа 13 волонтери на Црвен крст Струмица, екипа од 8 члена од ТППЕ Струмица, претставници од ДЗС и РЦУК Струмица, кои вршеа евалуација за успешноста на вежбата. Одговорното лице во училиштето ги изврши претходните едукации и подготовки за успешно изведување на вежбата, каде во двете смени имаше учество на вкупно околу 800 ученици и 100 лица од наставничкиот и другиот кадар.
Истата помина во најдобар ред, се извршија сите предвидени активности по плановите и елаборатите за заштита и спасување, со што се допринесува во подготвеноста на институциите при вакви непогоди и катастрофи и намалување на бројот на повредени и жртви.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.