Денес премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и градоначалникот Коста Јаневски присуствуваа на пуштањето во употреба на детската градинка во Муртино.
Во својата изјава за медиуми, премиерот Заев истакна дека приоритет на Владата е да обезбеди услови за правилен ран детски развој, преку проширување на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции на кадарот, со што се гради вистински квалитетно предучилишно образование.
„Децата се нашето богатство, нашиот силен потенцијал и грижата за нив, за нивниот ран и правилен развој е нашиот врвен приоритет, и оваа градинка го сведочи тоа. И не е само оваа градинка. За две години, на територијата на целата наша земја изградивме, или е во тек е изградбата и проектите за близу 70 градинки. Таква иницијатива, за толку кус период, не е забележана во историјата на Северна Македонија“, рече премиерот Заев.
Пред неполн месец, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228.100.000 денари.
„Во новите градинки се отвора простор за 760 нови деца. За првпат по долго време во нашата држава ќе се градат вакви големи објекти, бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата”, рече премиерот Заев и додаде дека се вложува и во луѓето кои ги обликуваат идните генерации преку зголемување на платите и јакнење на компетенциите на кадарот во градинките.
„Само оваа година обезбедивме 1.400 согласности за вработувања во градинките. Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16% што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен“, рече премиерот Заев и се заблагодари на партнерите, ЕУ и Светска банка кои преку Министерството за финансии ја поддржаа финансиски пренамената на овој објект од општинска зграда во детска градинка.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека само годинава во струмичкиот регион се отвораат две нови градинки, а за идната година е планирана инвестиција во уште три.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.