Програмскиот колегиум на МРТВ одлучи Македонија на Евровизија 2020 да ја претставува струмичанецот Васил Гарванлиев.
Годинава евровизискиот натпревар ќе се одржи во Ротердам, Холандија, благодарение на победата на Данкан Лоренс, лани во Израел.
На сцената во Израел го видовме и овогодинешниот македонски претставник како бек-вокал на Тамара Тодевска во изведбата на победничката, според гласовите на жирито, „Прауд”.
Уште по првата проба при подготовките за настапот на првата полуфинална вечер во Израел, меѓу фановите и новинарските екипи почнаа да се раѓаат симпатии кон Васил, во него гледајќи потенцијален кандидат за претставник од Македонија, за да тоа годинава и се оствари.
Познавајќи го Васил, неговите гласовни можности и музичкиот опус, годинава ќе биде тешко да се предвиди со каков тип на песна ќе заминеме во Ротердам.
„Настапот на Изборот за песна на Евровизија е остварување на сонот за секој музичар. Почестен сум што ќе ја претставувам мојата земја на изборот во Ротердам и се надевам дека со целото мое искуство и знаење ќе созддеме едно магично музичко патување кое ќе ги допре срцата низ Европа“, изјави Васил Гарванлиев.
Оваа година ќе се одржи 65. Избор за песна на Евровизија. Полуфиналните вечери во арената „Ахој“ ќе се одржат на 12 и на 14 април 2020, додека финалето е на 16 април.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.