Градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски изјави дека основните и средните училишта во општината се подготвени за новата учебна година. Тој заедно со своите соработници од областа на образованието посети дел од училиштата и детално се информираше за нивната состојба.
При посетата тој истакна дека како Градоначалник но и општина образованието им е стратешки приоритет и дека сите училишта се подготвени за стартот на учебната 2018/2019 година.
Во текот на летниот распуст во дел од училиштата каде што беше потребно, беа извршени повеќе градежни зафати и санирање на сите недостатоци, со што, обезбедени се солидни услови за изведување на квалитетен воспитно-образовен процес. Јаневски додаде дека согласно со Стратегијата за образование 2015-2020 година ќе се продолжи со континуирана поддршка на образовниот процес, обезбедувајќи им квалитетно образование на учениците во основните и средните училишта.
Во контекст на ова, градоначалникот истакна дека годинава особено ги радува фактот што бројот на првачињата е поголем од минатата година. Лани до 31 август 2017-та година, во прво одделение во општинските основни училишта се запишале 499 ученици, а годинава, заклучно со 24-ти август се запишале вкупно 560 ученици, од кои 288 машки и 272 женски. Од нив 461 се запишале во матичните училишта а останатите 99 во подрачните.
Но и покрај фактот што годинава е зголемен бројот на првачиња, сепак, во населените места Сачево, Габрово, Дорломбос, Мемешли и Орманли нема запишано ниту еден ученик во прво одделение, а по 1 ученик има запишано во Водоча и Попчево.
Додека пак, во новата учебна година, во средношколските клупи ќе седнат 890 ученици запишани во прва година во трите средни општински училишта.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.