По собирот во недела, кој „Здрава котлина“ го одржа со жителите на Штука, била потврдена целосната поддршка од месното население во борбата против, како што го нарекуваат еко-активистите, рудникот на смртта, велат од иницијативата.
Во разговор со жителите се покажала и нивната решеност да и се продружат на еко-иницијативата во активностите кои во најскоро време, треба еднаш засекогаш да ја елиминираат опасноста по животот што им се надвиснува, т.е. рудникот во Иловица.
„Дојдоа повеќе жители од минатата година, кога ја спроведувавме кампањата за референдумот, и дојдоа без оглед на партиска или било која припадност, заедно да им дадат на знаење на потенцијалните гробари дека нема да поминит преку Штука.“, се вели во соопштението на „Здрава котлина“.
Луѓе од еко-иницијативата се во постојан контакт со жителите на Штука, велат оттаму, па така лагите, дека народот ги прифаќа, кои наводно ги пласира компанијата „Еуромакс“, наскоро ќе бидат демантирани од самите жители.
„Нашата интеракција со народот е искрена, директна и со отворени карти и нема калкулации. Побаравме од Штучани, кога ќе дојде време, да го прифатат нашиот повик и заедно, со другите села, да му го зададеме последниот удар на рудникот на смртта.
Исто така, побарано е Владата на РМ да ја оствари својата основна функција за заштита на интересите на граѓаните и да ја спречи компанијата Еуромакс Рисорсис да го дестабилизира целиот регион, бидејќи вистината е дека бескрупулозните интереси и заднина на оваа компанија премногу долго го вознемируваат и дестабилизираат Југоистокот на нашата држава.“, се додава во соопштението кое „Здрава котлина“ го објави на својот Фејсбук профил.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.