Во населеното место Градашорци се одржа манифестацијата „Ден на празот“ која 11 години успешно го промовира празот како исклучително здрава храна и Градашорци и околината како место во кое се одгледува најквалитетниот праз во државата и пошироко.
„Годинава по 11-ти пат сме домаќини и организатори на манифестацијата „Ден на празот“. Ако намерата на почетокот била да се промовира празот како здрава храна и ова поднебје како место во кое се произведува најквалитетниот праз во државата и на едно место да се соберат производителите, преработувачите и откупувачите, денес кога екологијата и заштита на животната средина се се поактуелни, одовде сакаме да упатиме порака дека ние сме еколошки чиста и здрава средина во која се произведува здрава храна“, изјави градоначалникот на општина Василево – Марјан Јанев.
Од оваа година, Манифестацијата чиј заштитен знак се многубројните специјалитети од праз специјално подготвени за дегустација доби и една нова хуманитарна димензија. Градоначалникот Јанев ги покани присутните да ја покажат својата хуманост на дело и да донираат.
„На сите посетители им нудиме можност да ја покажат својата хуманост на дело со тоа што за специјалетите што ќе ги дегустираат ќе можат и да донираат средства и на тој начин да помогнат на оние на кои им е најпотребно“ – додаде градоначалникот.
Големиот број гости уживаа во вкусот на бројните специјалитети и содржините на културно уметничката програма подготвена од учениците, во фолклорните изведби на КУД „Тримери“ и музичкиот дел од програмата.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.