Во големата сала на домот на АРМ синоќа се одржа првата сесија од Буџетскиот форум во општина Струмица 2018/2019 година. Целта на овој форум е да се зголеми учеството на граѓаните во процесот на креирање и реализација на буџетот на општината и зголемување на транспаретноста на општината. На првата буџетска форумска сесија, присутните имаа можност да се запознаат со процесот на буџетирање и структурата на буџетот на општината, како и со реализираните приоритети за развој на општина Струмица за 2018-та година. Во своето обраќање, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека креирањето на општинските политики заедно со граѓаните, неминовно ќе ги даде посакуваните резултати.
Преку оваа и останатите четири форумски сесии од овој добро осмислен форумски процес, граѓаните ќе добијат можност одблиску да се запознаат со структурата на Буџетот на Општина Струмица, на тој начин што во текот на тој процес, низ една интерактивна форма на делување, ќе учествуваат во партиципативното креирање на истиот, при што ќе одлучуваат каде и за какви намени ќе бидат потрошени нивните пари.
Општина Струмица по шести пат спроведува Буџетски форум во рамките на Програмата – Форуми во заедницата, но за прв пат тоа го прави самостојно, без надворешни партнери и соработници.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.