Советот на општина Струмица на вчерашната седница го усвои Акциониот план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во општина Струмица. Според градоначалникот Коста Јаневски, овој план содржи краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки кои што ќе го подобрат амбиенталниот воздух а предвидено е и донесување на петгодишен план кој ќе понуди и посериозни решенија за проблемот.
Тој потенцираше дека според првичните сознанија добиени врз основа на податоците од двете мерни станици, кои беа инсталирани кон крајот на минатата и почетокот на оваа година главната причина за загадувањето на воздухот е употребата на грејните тела во домаќинствата во зимските и месеците кога температурите се пониски.
Најчесто на почетокот од попладневните часови до раните утрински часови, драматично се покачуваат вредностите, меѓутоа во раните утрински часови од наредниот ден паѓаат под нормала и ова на некој начин дава спокојство дека нема континуирано загадување во текот на неколку дена кое што држи високи концентрации, што е олеснителна околност.
Според Јаневски, општина Струмица и претходно имаше преземено многу важни и ефикасни мерки за намалување на загадувањето, како гасификацијата која е еден од најефикасните методи кои можат да решат доста од овој проблем.
Тој апелираше до граѓаните дека е многу важно какви горива користат во своите домови, пред се ако се користат дрва и важно е тие да бидат суви, бидејќи влажните дрва многу повеќе емитуваат вакви честички. Посебно е опасно користењето во грејните тела на материи кои не се предвидени за греење, како гуми, иверица, пластика, прегорено улје. Тоа се исклучително штетни материи кои луѓето сѐ уште имаат навика да ги користат.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.