Компанијата „Еуромакс Рисоурсис“, концесионер на проектот Иловица-Штука, пред речиси 200 жители од општините Босилово и Ново Село ги претстави економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука, информираа денеска со соопштение до јавноста од оваа компанија.
На средбата во Струмица присуствувале жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово, Зубово, Турново, Ново Село и Секирник.
Присутните биле заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата.
Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Рисоурсис“ изјави дека ќе продолжат со одржувањето добра комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија и истакна дека одржуваат постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата.
Како што се наведува во соопштението, претставниците на компанијата повторно потенцирале дека цијанид и сулфурна киселина нема да се користат и уште еднаш ја презентираа улогата на независното тело за мониторинг кое ќе се организира во соработка со Владата. Посебна презентација била посветена за начинот и типот на експлозивни материи кои ќе се користат во рудникот.
Од Еуромакс објасниле и дека ќе нема загадување на животната средина и на водата, дека ќе се контролира прашината на сите патишта, дека постојано ќе се контролира квалитетот на водата и воздухот, ќе се употреби соодветна гео-текстилна мембрана во хидројаловиштето, стабилноста на насипот и максималното реискористување на водата при флотацијата. Тие додаваат дека веќе добиле над 1.000 апликации за работа, иако се уште нема отворен повик за вработување.
-Сакаме да бидеме долгорочен економски партнер на локалната заедница и бизнисите. Во наредните 20 години локално ќе се трошат околу 74 милиони евра годишно. Ќе бидеме партнери на Владата и на општините преку плаќање на 24 милиони евра даноци годишно, од кои 3 милиони евра ќе се влеваат директно во локалните општини по основ за концесиски надоместок, што претставува 40 отсто зголемување на нивниот буџет, додаде Варшан Гокул, извршен директор на „Еуромакс Рисоурсес“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.