Синоќа завршија Собирите со граѓаните од урбаните и месните заедници од општина Струмица. Градоначалникот Коста Јаневски и неговите соработници ги слушнаа барањата и на жителите од населените места Куклиш, Градско Балдовци и Просениково.
Дел од барањата на жителите се: санација на дел од патот Куклиш – Сачево, приклучок на канализационата мрежа на неколку останати куќи, асфалтирање на улици и одредување локација за депонија.
Во Градско Балдовци побараа внатрешна реконструкција на Домот, чистење на канали, дислокација на депонијата и поставување на контејнери, уредување на Домот за млади, а заради поголема безбедност во сообраќајот, поставување на забавувач на сообраќај или попознато како лежечки полицаец, огледала и знаци на раскрсницата од Куклиш кон Градско Балдовци, оградување на игралиштето и поставување на нови табли за кошеви, како и осветлување на веќе асфалтираните улици.
Жителите на Просениково побараа приклучување на фекална канализација, санирање на сарајски мост, атмосферска канализација, прочистување на каналите и проширување на отворениот постоечки канал и поставување на лежечки полицаец на раскрсницата Сарај – Пиперево.
Целта на Собирите беше да се слушнат барањата на граѓаните пред донесувањето на буџетот на општина Струмица за 2019-та година.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.