Советот на општина Василево ја одржа редовната 19-та седница, од чиј дневен ред, беа изземени девет точки, кои се однесуваа на барања за финансиска помош и спонзорства поднесени од правни и физички лица. Но, поради веќе распишаните претседателски избори и неможноста на Советот законски да одобрува финансиски средства, предлогот за изземање беше едногласно прифатен.
Едногласно беше усвоена дополнителна точка за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести во 2019 година.
Меѓу многуте точки, донесен беше и Планот за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територијата на општина Василево (2019-2021) и Одлуката за давање на времено користење без надоместок на недвижни ствари – простор на Министерството за труд и социјална политика – Скопје, отстапувајќи простории за отварање канцеларија во која граѓаните ќе добиваат услуги од областа на социјалната сфера.
На седницата беше усвоен и полугодишниот извештај за работата на ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала за учебната 2018/2019 година, и Предлогот за разрешување на член на училишниот одбор. Разрешена беше Ели Ѓорѓиева а на нејзино место назначена Виолета Тонева.
Советниците ја усвоија и предложената Одлука за утврдување на потребата од донесување на урбанистичко-планска документација за проширување на планскиот опфат, Одлука за сопствено учество на општина Василево за реализација на проектот за улица во Нова Маала до резервоар, за чија изградба општина Василево обезбедува сопствени средства во висина од околу 980.000 денари а средства во висина од 1 милион денари се обезбедени преку Министерството за финансии од Проектот за подобрување на општинските услуги.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.