Лажната пријава за поставена експлозивна направа во трговскиот центар „Глобал“ викендов не ги спречи струмичани и илјадниците посетители да уживаат во главната, интернационална, карневалска вечер. Имено, по пријавата на Т.У (32) од Кочани, манифестацијата беше вонредно обезбедена, по што од одделот за антитероризам и преземените мерки, констатирано било дека пријавата е лажна.
На карневалската поворка учество зедоа над 2.000 маскирани луѓе. Освен нив, во поворката уживаа и посетители од земјава и странство. Поворката инаку беше водена од годинашните принц и принцеза – Билјана и Кирил Ахтарови.
Меѓу посетителите беа и Претседателот на Владата – Зоран Заев, градоначалникот на општина Струмица – Коста Јаневски, како и министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор во земјава, државни и локални институции.
Настаните продолжуваат и денес, со традиционално варење на бел грав по повод денешниот ден – чист понеделник, а освен тоа, ќе бидат прогласени најдобрите маски од интернационалната вечер на карневалот, а ќе биде отворена и изложба на карикатури и афоризми и доделување на наградите за конкурсот на тема „Карневал“.









Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.