Големата акција на „Еко фронт – Чиста да ни е“, која во организација на општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ се реализира веќе неколку месеци, го опфати и село Куклиш и неговата околина.
Во активностите беа вклучени работници и механизација од ЈПКД „Комуналец“, како и ученици од Куклиш, при што беа отстранети неколку диви депонии, а беа чистени и улици и дворов. На акцијата присуствуваа и градоначалникот на општина Струмица – Коста Јаневски, директорот на ЈПКД „Комуналец“ – Зоран Ѓоргиев, како и раководителот на РЕ „Чистота“ – Бранко Ѓоргиев.
Јаневски истакна дека се задоволни од досегашните резултати од еко-акцијата и дека таа и натаму продолжува. Според него, се поголем број на граѓани и ученици самоволно се вклучуваат во неа, што претставува мотив плус за помасовно чистење. Тој додаде дека секое населено место ќе биде опфатено со оваа акција.
Целта на акцијата е да се стави точка на лошите навики на жителите на оваа општина и да се подигне свеста за зачувување на животната средина
Директорот на ЈПКД „Комуналец“ пак, ги повикува граѓаните да се вклучат во акцијата, апелирајќи да не се дозволи од општината и државата да се направи една голема депонија. Следната акција од „Еко фронт“ ќе биде спроведена во Муртино.









Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.